Приказната за LaDama започна во еден семеен дом во Струмица во, сега веќе далечната, 1992 година.
Во оваа приказна главната улога ја има еден брачен пар со претприемачки дух.
Ова е приказна за еден брачен пар на кој не му недостигала ни машка храброст ни женска интуиција, па во својот дом го стартуваат производствениот погон на ЛД ДОО, првиот македонски производител на хулахопки.
Зборот храброст ќе го разберат само малкумина, оние кои имале свој приватен бизнис во почетокот на 90-тите. Нова држава, ембарго, отежнат транспорт, банкарски и правен систем во зародиш, непостоење на платен промет, воена состојба во соседните земји, недостиг на финансиски средства поради несигурен банкарски систем и непостоење на систем за финансирање мали претпријатија и претприемачи, тешкотии при набавка на опрема и материјали од ЕУ, жена основач на компанија…
Зборот интуиција во бизнисот ќе го разберат само оние кои ги води страста кон успехот – иновирање на функционален производствен систем, осмислување на производите, на големините и изгледот на пакувањата, рекламирање, пласирање и афирмација на непознат производ од нова држава, којшто треба да парира на врвните ЈУ-брендови, што во тоа време беа сеприсутни на нашиот пазар…
Водени од интерес за технологијата и процесот за производство на хулахопки-производ кој е нежен и кревок, а сепак цврст и издржлив, и желбата да бидеш првиот кој ги има исплетено првите хулахопки произведени во Македонија, на 17.12.1992 се „родија“ првите македонски хулахопки – свилените хулахопки ЕМА, коишто првично беа пласирани под името Љубица и перлон хулахопките Марија, па, така, иако фирмата е основана во август 1992, 17.12.1992 се смета за роденден на LaDama.