Хулахопките датираат уште од Антички Египет
Кои се раните почетоци на хулахопките?
Раните почетоци на првата форма на хулахопки – завиткани тенки ленти од животинска кожа околу нозете – датира уште од Антички Египет, со откривање на пар внимателно изработени чорапи за кои се смета дека се стари најмалку 2000 години. Европејците ги замениле кожите со животински влакна создавајќи нишки од нив за првпат. Во IX век и мажите и жените ги врзувале нозете со лесно достапни материјали кои ги прицврстувале со животински црева. Најраните форми на хулахопки се носеле за да им биде топло, а не како моден детаљ.
Како хулахопките станале тренд, а не само потреба?!
Хронолошки низ годините изгледа вака:
1100 – 1300 – Со создавањето на вертикалните, па потоа и хоризонталните разбои, дошло до огромна промена, нова можност да се ткаат парчиња ткаенина долги 30 м и широки 2 м, за првпат облеката можела да се крои и прилагоди на телото. Првите типови на хулахопки биле дел од машката облека и се изработувале од ткаена волна или свила. Овие хулахопки станале статусен симбол за европските благородници. До XVI век немало многу насочено внимание кон женските нозе бидејќи биле покриени со долги фустани, и иако многу жени ги носеле хулахопките за удобност и топлина, тие не биле модна облека како за мажите.
1500 – 1800 – Мажите сѐ повеќе и повеќе се оддалечувале од хулахопките и ги барале панталоните, така што хулахопките пополека станале типична женска карактеристика. Елизабетанската ера била вистинска револуција во ткаењето, што ја трансформирало изработката на хулахопки. Во 1598 година, свештеникот Вилијам Ли ја измислил првата машина – рамка за ткаење. Ова ја револуционизирало брзината, и ефикасноста на производството. Тој го претставил првиот пар хулахопки од чиста свила на кралицата во 1607 година, и таа била толку импресионирана што во текот на целиот живот носела исклучиво вакви свилени хулахопки. Почетокот на индустриското производство овозможило хулахопките да бидат широкодостапни. Група од тројца британски хемичари во 1892 го измислиле рајонот, којшто е еден од првите материјали создаден од човекот.
1900 – 1920 – Со модната револуција на почетокот на ХХ-от век, хулахопките стануваат женски моден симбол. Развојот на производството помага во унапредувањето на популарноста и практичноста на модните чорапи и хулахопки. Еден голем чекор напред беше создавањето на жартиерите во 1912 година и по некое време настануваат сокните. Уште еден новитет во оваа индустрија се мрежестите хулахопки кои се појавиле во џез-ерата, поточно 20-тите години од минатиот век. Токму овие хулахопки дадоа до знаење на претходно потиснатата Викторијанска ера дека светот вистински се менува.
1920 – 1940 – Приказната за денешните хулахопки започнува со изумот на најлонот од хемиската компанијата „ДуПонт“ во 1930-тите. Мек, флексибилен и неверојатно еластичен, којшто овозможува развој на хулахопки кои совршено се прилепуваат на нога. Првите најлонски хулахопки биле претставени во 1939 година и предизвикаа бум со четири милиони парчиња продадени во првите четири дена. Втората светска војна предизвикала неочекувана модна бура кога најлонот ненадејно бил пренасочен за изработка на падобрани. Во тој период, поради недостаток на хулахопки, жените биле приморани буквално да цртаат хулахопки со шевови на нивните нозе.
1940 – 1960 – Во периодот по Втората светска војна најлонските хулахопки со шев сè уште биле клучен дел од женската мода, носени од познатите филмски ѕвезди, како Мерлин Монро и Кетрин Хепберн, сè до последната обична жена. Со уште една револуција во индустријата на хулахопки – напуштањето на жартиерите и создавањето на хулахопките какви што ги знаеме сега, со додавање на корселе во 1959, се создала можноста и за креирање на историското парче облека – мини здолништето. „ДуПонт“ создава уште еден одличен изум. Ликрата, позната и како спандекс или еластин, ја заменува употребата на ластик за да се постигне растегливост. Материјалите се сушеле уште побрзо, полесно се боеле и исто така можеле машински да се перат.
1960 – 1980 – Пјер Кардин станува првиот дизајнер кој претставил свои хулахопки. Изборот се зголемува, од непроѕирни, достапни во разни бои за зима, до бели или дезенирани хулахопки за в лето. Мери Квант и Емилио Пучи биле следни дизајнери со голем број на бои и свои препознатливи дезени. Хулахопките и хеланките направени со ликра стануваат сериозен моден тренд за секоја девојка. Во доцните 1970-ти години искинатите и мрежестите хулахопки во комбинација со високи потпетици, биле користени во медиумите за да остават шокантен впечаток и модна изјава во исто време. Во 80-тите години сè повеќе модни дизајнери ја прифатиле ликрата и нејзините предности во своите креации.
1990 – Уште една причина за жените уште повеќе да се за заљубат во хулахопките биле нивните нови придобивки, во овој период веќе се достапни верзии на хулахопки коишто ги обликуваат стомакот, задникот и бутовите. Денес се достапни безброј различни видови на хулахопки коишто совршено прилегаат на сечиј карактер, секоја пригода и тип на тело.
Кога се произведени првите македонски хулахопки?
1992 – првите македонски хулахопки се исплетени на 17.12.1992 во еден семеен дом, прилагоден во производствен погон. Овој датум всушност ги означува зачетоците на La Dama.
За нашата компаниска историја и развој можете да прочитате на страницата посветена токму на Историјата на La Dama .